Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. др. Христијан Мицкоски, заедно со секретарот за меѓународна соработка доц. др. Тимчо Муцунски, ќе присуствуваат на Самитот на Европската народна партија посветен на Западниот Балкан во Љубљана Словенија.

Самитот е состанок на најмоќното политичко семејство на Европската унија пред одржувањето на Самитот на шефови на Влади на земјите членки на Европската унија. Самитот на ЕПП ќе го води Претседателот на ЕПП Доналд Туск, а е најавено присуство на Претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, како и Премиерите: Себастијан Курц канцелар на Австрија, Јанес Јанша премиер на Словенија, Андреј Пленковиќ премиер на Хрватска. Од регионот, покрај претседателот Мицкоски, најавено е присуство на Претседателот на Србија Александар Вучиќ и Лидерот на Албанската опозиција Љуљзим Баша.

На крајот на Самитот се очекува усвојување на Декларација која ќе даде несомнена поддршка за полноправно членство на земјите од Западниот Балкан во Европската унија, посебно акцентирајќи ја потребата од што побрз почеток на пристапните преговори со Република Македонија.