Данела Арсовска, на денешната прес конференција, со корпа јаболка пред себе, порача дека за секое ветување има едноставно и брзо решение, ако се сака, а актуелниот градоначалник два пати ветуваше јаболко за секој средношколец, а ни еднаш не исполни.

“Ова овошје може за половина час да се дистрибуира до најблиското средно училиште. Со ова сакам да му покажам на мојот противкандидат и сегашен градоначалник дека има едноставни решенија дури и за неговите ветувања – една овошка за секој средношколец секој ден. Тој ова ветување не успеа да го исполни минатиот мандат”, рече на прес конференција кандидатката за градоначалник, Данела Арсовска.

Арсовска се осврна на преголемиот број неисполнети а ветени проекти и дека време е тоа да престане. Истакна дека нејзината визија за Скопје предвидува и создавање систем на модерна инфраструктура и овозможување современи услови учење.

“Со брзи и ефикасни решенија ќе им покажеме на младите дека местото им е тука, дома – во Скопје! Во Аеродром мора да има гимназија и таа конечно ќе се изгради. Потребни се нови објекти за средните училишта СУГС Браќа Миладиновци, како и за СУГС Лазар Танев. Ќе спроведеме проект за изградба на нова градска библиотека во Аеродром, а паралелно на тоа ќе се модернизира и ќе се реконструира постоечката градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Во соработка со општините во Град Скопје, се предвидува просторно обезбедување на читални во општините. Предвидуваме изградба на мулти-функционални игралишта и спортски центри во средните училишта. Мора да има зајакната финансиска поддршка за талентираните ученици. А ќе го финансираме настапот на научни и спортски олимпијади на средношколците и младите од градот Скопје. За оние средношколци кои се во социјален ризик или пак со попречености, ќе дадеме финансиска поддршка во вид на стипендија за средношколци”, истакна Арсовска.

Образованието што треба да го добиваат учениците, според Арсовска еднакво ги вклучува и наставниците во целиот образовен процес, кои според неа треба да бидат мотивирани во својата професија. А со цел подобрување на образовниот процес во училиштата, Арсовска нуди проекти со кои ќе се набават современи нагледни средства.

“Ќе вложиме во набавка на информатичка опрема за секој ученик и наставник. Ќе им помогнеме и на младите кои сакаат да почнат свој бизнис. Во рамки на Младинскиот културен центар, преку процес на социјално претприемништво и во соработка со невладиниот сектор, ќе започне со работа Центар за младинско претприемништво. Овој центар ќе помогне за конекција на младите и инвеститорите. Доста ни беше чекање со години да видиме резултати. Време е да почнеме да остваруваме за доброто на децата кои сакаме да останат и да градат иднина во Македонија”, потенцираше Арсовска.