Шокиран и згрозен сум од тоа што го слушнав вчера од Заев. Не би сакал овој настан да се политизира затоа што има загубени човечки животи кои настрадаа таму каде што требаше да добијат помош, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето на вестите на телевизија Канал 5

Според него јасна е одговорноста, односно каде треба да се бара одговорноста.

-Јасна е одговорноста тука, и одговорноста е содржана во измените на Законот за градење во ноември минатата година. Одговорноста да изработи протокол за пуштање во употреба на ваков тип на објекти е кај министерот за здравство. Дали до ден денес некој го видел тој протокол и кои се документи и услови се содржани во тој протокол за ваков објект да биде пуштен во употреба. Доколку се испочитува Законот за градење онаков каков што е нема да има оптоварување на кабелот за што јас зборував дека тоа ќе биде најверојатно изговорот и немало да дојде до ова, рече Мицкоски.

Така што згрозен сум, додава Мицкоски, и навистина немам зборови со кои можам да ја опишам мојата лутина и гнев на ова отсуство на одговорност не зборувам само за политичка и морална, туку и човечка за ова што се има случено.

-Јас како човек не можам никогаш да се помирам за ова што го кажа Зоран Заев и нема да престанам да се борам се додека вистината не ја дознаат прво семејствата кои загубија блиски, а потоа и граѓаните. Ова не смее да ни се повтори, а како тргнале ќе ни се повторува, бидејќи овие луѓе не чувствуваат одговорност, за онолку уште малку колку што ќе се на функциите, вели Мицкоски.