На независната кандидатка за градоначалничка на Скопје Данела Арсовска ѝ беше забрането да влезе во просториите на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда, каде што е сместен Синдикатот на пожарникарите на Скопје.

-Имавме договорена и потврдена средба со претставници на Синдикатот чии регистрирани простории се во рамки на Територијалната противпожарна единица – Автокоманда. На влезот на зградата ни беше кажано дека со усна наредба е забранет влез за мене и мојот тим во просториите. Јавно прашувам како може некој да биде над законот и да забранува влез на претходно договорен состанок? Ова е класично злоупотребување на функцијата на командирот што е поставен од Петре Шилегов? Од што се плаши Шилегов, јавно нека каже? Јас знам од што е стравот, тој досега со понижување гледаше на пожарникарите. Сите бевме сведоци дури и на ситуации пред медиумите кога ги понижуваше. Проблем му е на Шилегов да излезат во јавност сите понижувања, проблем му е дека досега ништо не направил за нив освен што направи сомнителна набавка на противпожарната скала, истакна Арсовска.